Штитови за лице за болницата и за брзата помош

73

Прилеп

Општина Прилеп ги испорача првите штитови за лице до службата за брза медицинска помош и до општата болница „Борка Талески“. Штитовите ќе може да ги користат медицинските лица кога ќе дојдат во контакт со заразени од коронавирус.
– Градоначалникот Илија Јованоски му предаде педесетина штита на директорот на општата болница „Борка Талески“, Драги Богојески, кои се наменети за персоналот на заразното одделение, како и за лекарите специјалисти и преостанатиот медицински персонал што е во непосреден контакт со пациентите. Како што истакна директорот Богојески, штитовите за лице ќе се користат во ситуација кога здравствените работници се во контакт со лица заболени од коронавирус или со други пациенти за кои постои сомневање дека се заразени со коронавирус. Штитови за лице добија и вработените во брзата медицинска помош, кои во новонастанатата ситуација со пандемијата имаат потреба од дополнителна заштита – информираат од Општина Прилеп.
Оттаму изразуваат надеж дека лекарите и другите медицински лица нема да имаат потреба од користење на штитовите за лице, но од превентивни причини, во текот на утрешниот и следните денови, здравствените установи од Прилеп ќе добијат онолку заштитни штитови колку што им се потребни.