Штипските градинки имаат долги листи на чекање

54

Двете штипски градинки „Астибо“ и „Вера Циривири-Трена“ бараат од Советот на Општина Штип согласност да им се зголемат групите во градинките, бидејќи имаат долга листа на чекање за прием на деца. Директорката на градинката „Астибо“, Билјана Трајчевска вели дека воспитeн кадар имаат, но капацитетите се помали, со што се соочуваат и да имаат листи за чекање.

– Во една занимална можеш да сместиш дечиња, креветчиња, столчиња, толку колку што собира. Јас секогаш се трудам тоа да им го објаснам на родителите…„дете плус, дете плус“… Треба да се има услови. Тоа се деца, живи суштества на кои што треба да им се посвети внимание, кои треба да се воспитуваат, образуваат, да добијат два оброка и две ужини денес, рече Трајчевска.

Советот на општината носи одлука за зголемување на бројот на деца во установите, но конечната одлука ја имаат вработените, согласно можностите. Директорката на градинката „Вера Циривири- Трена“, Софка Атанасова вели дека  годинава бара проширување за дополнителни 200 деца на постојните 640 места.

–  Правиме напори да ги прошириме просториите, да пренамениме некој од нив, за да ги прифатиме децата во градинка- вели Аатнасова.

За решавање на овој хроничен проблем, после 30 години во Штип ќе се гради детска градинка во населбата Сењак.