На денешната 61 редовна седница на прилепскиот општински Совет, советниците го усвоија извештајот за извршување на буџетот на Општина Прилеп за вториот квартал од тековната 2021 година, кој според Александар Китаноски, претседател на Комисијата за финансирање, буџет и локален економски развој, анализата покажала дека во вториот квартал биле остварени приходи во износ од 662.026.415,00 денари, или 46,9% од вкупно планираните 1.410.981.000,00 денари.
Членовите на општинскиот Совет го усвоија и збирниот извештај за проценетата штета од невремето кое го зафати подрачјето на општина Прилеп на 21 јуни годинава.
Невремето се случило во седум населени места: Тополчани, Чепигово, Тројкрсти, Алинци, Канатларци, Ерековци и Клепач, како и неколку парцели од Веселчани, Подмол и Шелеверци. Со невремето била зафатена површина од околу 1.085 хектари, при што проценетата штета изнесувала 61.347.000,00 денари. Најпогодени биле површините засадени со јачмен, компири, лешници, дињи, пченица, пченка, сончоглед и тутун.
До Комисијата за штети биле доставени 279 барања, од кои 11 биле отфрлени како некомплетни.
На 61 седница советниците дадоа согласност и за бројот на деца кои ќе бидат згрижени во ЈОУ Детска градинка „Наша иднина“, како и за тримесечниот извештај за финансиското работење на ЈКП „Пазари“.
Советниците ги усвоија Годишните извештаи за работа на општинските основни и средни училишта за учебната 2020/2021 година, како и годишните програми за работа за учебната 2021/2022 година.
Исто така, на денешната седница беше донесена Одлука за формирање на партиципативно тело, а усвоен беше и деловникот на негова работа.
Ка.М.