Шеесет учесници на Меморијалниот планинарски марш „Сашо Костадиноски“

102

Шеесет членови од три планинарски друштва од Кичево, Битола и од Гевгелија, зедоа учество на вториот Меморијален планинарски марш организиран во чест на прерано починатиот планинар „Сашо Костадиноски“. ПЕД „Ендорфин“ од Кичево , го организира искачувањето на Веливрв на планината Гољак. Искачувањето започна во 7 часот наутро а планинарите се вратија на почетната точка по изминати околу 15 километри пат и време од 6 часа.

– На вториот Меморијален планинарски марш што го организира нашето планинарско друштво ПЕТ„ Ендорфин“, а во чест на прерарно починатиот другар и член на друштвото Сашо Костадиноски, зедоа учество 60 планинари од кои 50 членови од нашето друштво и по 5 члена од планинарските друштва ПСК„ Кожув“ од Гевгелија и ПЕГ„ Турни ме да кинисам “од Битола. Искачувањето го започнавме во 7 часот наутро од старото село Брждани и по три и пол часа искачување се најдовме на крајната одредница Веливрв на височина од 1 535 метри, и во еден правец поминавме пат во должина од околу 7 километри. Во текот на искачувањето попатно имавме три одмори, а по пристигнувањето на врвот до враќањето на почетната точка ни беа потребни уште два и пол часа – истакна Давор Јанкулоски член на ПЕТ„ Ендорфин“ од Кичево.

По завршувањето на акцијата за сите учесници на маршот беше организиран заеднички ручек планинарско гравче, од страна на месната заедница од село Брждани и планинарското друштво од Кичево.

– На разделбата сите учесници на маршот по малку уморни но задоволни, што се дел од овој Меморијален планинарски марш организиран во чест на нашиот колега и пријател ветија, дека во уште поголем број ќе бидат дел и од третиот Меморијален планинарски марш што ќе го организираме догодина – додаде Јанкулоски. З.А.