Чувањето стари лица и деца со хендикеп нов предизвик на здружението „Вешта жена“

39

Организацијата „Вешта жена“ од Тетово позната по натпреварите во умешност во готвењето започнува активности со цел да обезбеди обуки за невработени лица кои би можеле да чуваат стари немоќни луѓе како и деца со хендикеп. Станува збор за проект за кој здружението има аплицирано и добиено средства од повик на тетовската локална самоуправа за поддршка на невладиниот сектор.

-Идејата е да помогнеме, да се подобрува хуманоста со која ќе им излезе во пресрет на семејства кои имаат потреба од помош, а не се материјално моќни тоа да го прават сами. Тука се мисли на семејства каде има стари немоќни луѓе како и деца со хендикеп кои треба да се чуваат додека останатите се на работа-рече Снежана Стојановска, претседателка на Вешта жена.

Со обуката се предвидува да бидат опфатени 50-тина лица кои ќе стекнат вештини со кои ќе можат соодветно да ги чуваат старите изнемоштени луѓе како и децата со хендикеп до две години.

-Обуката ќе може да ја посетуваат сите заинтересирани кои се невработени или сакаат да се преквалификуваат. Стекнувањето на овие вештини ќе се врши во соработка и во просториите на Клиничката болница и Здравствен Дом Тетово. Сертификатот што ќе го добијат ќе им важи за работа низ цела Македонија- рече Стојановска.

Еден месец ќе трае обуката на пријавените. Може да се пријават сите невработени без разлика на образование или работно искуство. Пријавувањето на заинтересираните е до 10 октомври.

А.С.