Чествување за Рацин на планината Лопушник

320

На планината Лопушник, денеска, со посета на спомен обележјето ќе биде одбележана 76-годишнината од смртта на Коста Солев Рацин, кој сѐ уште под неразјаснети околности загинал на овој ден во 1943 година.

Традиционално, на 13 јуни, местото на загинувањето на големиот поет и револуционер го посетуваат претставници на општина Велес, општина Кичево, претставници на Сојузот на борците од двете општини, почитувачи на животот и делото на Рацин, планинари, извидници и многу други.

– Денес со посета на спомен обележјето каде во 1943 година загана Рацин, ќе биде одбележана 76-годишнината од неговата смрт. Покрај претставници од нашата општина , на ова чествување ќе присуствуваат делегации од родниот град Велес предводена од градоначалникот Аце Коцевски, претставници на Сојузот на борците и Здружението на писатели на Македонија, а свежо цвеќе ќе положат и планинарите од повеќе градови кои пеш го изодеа патот од родниот град Велес до планината Лопушник и месноста Јама. Пред спомен обележјето за големиот поет ќе зборуваат претставници од општина Кичево, општина Велес, додека стихови од „Бели Мугри“ ќе читаат и членовите на Еколошкото друштво „Грин Пауер“. За сите присутни на ова одбележување ќе биде подготвено и војничко гравче – истакна Михајло Петрески, претставник на ЕЛС Кичево и предводник на делегацијата од оваа општина.

Зоран Антоски