„Час на планетата Земја“: Над 80 локации во Македонија ќе потонат во мрак

195

Над 80 локации во Македонија утре ќе потонат во мрак и ќе се приклучат кон глобалната акција „Час на планетата Земја“.

Во 20.30 часот по локално време, во период од еден час, во мрак ќе бидат плоштадот Македонија со споменици, Порта Македонија, улицата Македонија, Камениот мост, Скопската тврдина, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, Колонада, Јавното обвинителство, Министерството за надворешни работи, плоштадот Мајка Тереза и Филип Втори, Мостот „Око“ и Мостот на уметноста.

Учество во акцијата најавија и скопските општини Аеродром, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба и Центар, како и трговските центри „Капитол“ и „Скопје сити мол“.

Во Охрид во мрак ќе потонат црквата Свети Јован Канео и Самуиловите тврдини, а ќе се исклучат и голем број локации во Струмица, Крушево, Битола, Ресен, Ранковце, Демир Хисар, Берово, Крива Паланка, Гостивар…

Централниот настан ќе биде на плоштадот Македонија каде волонтери на Црвениот крст со петстотини свеќи ќе го испишат логото на акцијата 60+.

Со поддршка на ЕВН Македонија, во мрак ќе се одржи и акустичен концерт на македонската пејачка Теа Трајковска, а присутните ќе добијат флуоросцентна алка и флуоросцентен цртеж за лицето и да се приклучат кон одбележувањето на Часот на планетата Земја.

– Додека глобалната биолошка разновидност се намалува со невидена стапка, Часот на планетата Земја оваа година ќе ги фокусира своите напори да поттикне поддршка за акција за биодиверзитетот и природата под мотото „Поврзи се со планетата“, односно „Цоннецт2Еартх“, истакна денеска на прес-конференција Ѓорги Селков од Канцеларијата на Часот на планетата Земја во Македонија.

Македонија годинава по девети пат се приклучува во акцијата „Час на планетата Земја“. Во период од еден час во мрак ќе потонат над 180 земји и 7000 града ширум светот.