Чаршијата никогаш попразна и со најмал промет досега

198
Во градот летово ги нема печалбарите и ја нема очекуваната заработка

Кичево

Ни најстарите трговци не паметат толку слаб промет на кичевската чаршија како овој годинава. Ако претходните години вриеше од луѓе, оваа година сѐ е поинаку и се чини поради короната никому не му е дојдено до пазарење. Единствено се купува тоа што е неопходно: храна, лекови, леб и нешто зеленчук и овошје, другите дуќани по цел ден чекаат да влезе барем еден муштерија за да им се исплатат идењето и престојот во дуќанот.

Странците што доаѓаа во овој крај налето речиси ги нема, а тие беа најголемите купувачи и потрошувачи и го правеа најголемиот промет во градот.
– Со децении сум во кичевската чаршија, но како годинава никогаш не било. Прометот е сведен на нула и се прашуваме зошто воопшто ги отвораме дуќаните. Нашите главни летни муштерии печалбарите од овој крај ги нема, локалните жители речиси и воопшто да не пазарат злато, а нам ни останува да чекаме да се среди состојбата со короната и потоа да очекуваме, колку-толку да се вратат муштериите на старите добри навики – вели Шоип Ризмани, најстариот златар во градот.

Неговото искуство го слушнавме и од сите негови помлади колеги. Ништо подобра не е состојбата со бутиците, цвеќарниците, специјалните продавници за невестински фустани и речиси никој не е задоволен од она што им се случува летово.
– Ова лето прометот е најслаб откако сум во оваа дејност и откако се занимавам со продажба на детски играчки. Кому му е дојдено до играчки, кога е несигурен дали ќе добие плата или не и дали ќе преживее. Се случува со денови, не да нема купувачи туку нема никаква фреквенција на шетачи во чаршијата. Благодарение на помошта за плати од државата во период од три месеци ќе туркаме уште некое време, а потоа еден господ знае што ќе се случува – вели Сашо Т., трговец со детски играчки.

Ги нема свадбите и веселбите, рестораните за свадби, над 20 во градот, останаа без работа и без приходи и не можат да ги платат ниту вработените ниту ќе остане нешто за нив. И музичките оркестри ги тресе оваа криза, бидејќи обично налето во Кичево се прават над 500 свадби, а годинава речиси ниедна. Од големиот колач ништо нема да остане за никого, а никој не посакува тоа да потрае подолго. Ако наскоро состојбите не се подобрат, некои од трговците размислуваат да стават клуч на врата.

– Било било ова не било, од промет ни п, никој нема ни да праша, а камоли да купува. Сите се во неизвесност и исчекување што ќе донесе утрешнината. Сме зеле кредити, сме се задолжиле за да го наполниме дуќанот со разновидна стока, промет нема, а ние немаме можност да го сервисираме долгот, бидејќи прометот е на 10 проценти, споредено со минатите години. Се прашуваме како ќе излеземе од оваа криза ако не се подобрат состојбите. Размислуваме и за катанец на врата ако наскоро не се подобрат работите, барем да не ги зголемуваме трошоците за кирија, кои исто така во моментов се голем товар за нас, кога се има малку промет – вели Енсул Туфекџиоски, сопственик на дуќан со разновидна стока во центарот на Кичево.

Судбината на трговците во повеќето градови во земјава не е ништо поразлична од онаа во кичевската чаршија. Дури незадоволни се и чистачите на чевли, кои со душа ги чекаа странците. Но нив ги нема и ја нема работата од претходните години, а со тоа ни очекуваната заработувачка.

Практично, средствата што печалбарите традиционално ги планираат за овие намени годинава ќе ги заштедат за наредните години или оваа година ќе остане празна без очекуваните ефекти.