Цвеќиња за битолските херои од Гајре

166

На денешен ден, пред точно 19 години во близина на селото Гајре, во заседа во конфликтот во 2001 година загинаа бранителите Влатко Миленковски, Благојче Силјановски и Пеце Матичевски од Битола и Новаци, кои беа  воени резервисти, припадници на баталјонот на Воената полиција од Битолскиот корпус.

По тој повод пред споменикот на бранителите „Ангел“ пред Градскиот часовник и споменикот во поранешната касарна „Стив Наумов“ на загинатите бранители им беше оддадена почит.

На комеморацијата покрај семејствата, колегите, воени старешини, делегации од политичките парии, присуствуваа и градоначалниците на општините Битола и Новаци, Наташа Петровска и Љубе Кузмановски.

– На денешен ден во близина на селото Гајре од заседа беа нападнати и подмолно убиени овие наши херои. Во нивна чест Одделението за одбрана Битола од 2003 година го организира овој настан. До минатата година се одржуваше и меморијален трунир во кој учествуваа 4 фудбалски екипи и тоа од СВР Битола, од гарнизонот од Битола, од Прилеп, од РЕК „Битола“ и Општина Новаци, но со оглед на сосотојбата со коронавирусот и мерките што се преземаат за заштита на здравјето на населенето, одлучивме денот да го одбележиме само со полагање цвеќе – рече Менде Солунчевски од Одделението за одбрана во Битола.

Изразувајќи сочувство кон семејствата кои ги изгубија бранителите, градоначалничката Петровска, која присуствуваше на комеморацијата, упати апел до сите млади луѓе да се вградат во општеството онака како што треба да се вгради младината и да бидат двигател на општстевото.

– Ваквите моменти треба да бидат опомена за тоа како се однесуваме за да го сочуваме споменот кон нив и да им се оддолжиме со подобрување на општеството во кое живееме -Петровска.

М.М.