„Хантер фиш“ ново спортско-риболовно друштво во Кичево

170
Фото: Зоран Антоски

По формирањето на првото спортско-риболовно друштво „Треска“ пред 67 години, група спортски риболовци и ентузијасти од Кичево и околината, попознати под името „Пријатели на езерото“, покренаа иницијатива која се валоризира со формирање на спортско-риболовното друштво „Хантер фиш“.

Како основачи на ова риболовно друштво, чиј главен акцент е ставен врз Осломејското Езеро, фигурираат Бесмир Елези како претседател, Александар Коруноски, Мире Ночески, Јашар Алиу и Љупчо Крстевски како членови.

Во својата програма ова друштво има зацртано низа активности со кои се прават големи усилби Осломејското Езеро да го претворат во мека за спортски риболов, рекреација и прошетки.

Во нивната програма главни приоритетни ќе бидат:

  • Промоција и унапредување на спортскиот риболов.
  • Уредување на риболовни терени како места за спортска рекреација во природа
  • Заштита на водите и зголемување на рибниот фонд
  • Организирање и спроведување на натпревари во спортски риболов и развој на спортско-риболовен туризам
  • Изградба на спортско-риболовни и други пратечки објекти и нивно одржување
  • Организирање на рибочуварски служби, унапредување на материјално-техничкото опремувањење и преземање на други активности

Целите ги истакна Мире Ночески, член на потесното раководство на новоформираното спортско-риболовно друштво „Ловец на риба“, од каде што потенцираат дека ќе вложат дополнителни напори и по трет пат да се изврши порибување на Осломејското Езеро. Тие со свои прилози се погрижија да го средат патот до и крај самото езеро. Благодарение на риболовците и ентузијастите кои со доброволни парични средства помогнаа да се санира патот, со тоа се олесни пристапот до оваа акумулација.

За првпат, езерото беше порибено во септември 2018 година, за шест месеци потоа да се случи и второто порибување. Во овие порибувања во езерото беа пуштени околу ееден тон риба, во најголем дел крап и помали количества толстолобик. З.А.