Финишира чистењето на патиштата до селските населби во кичевско

195
Фото: Зоран Антовски- Кичево

Снегот кој со променлив интензитет во Кичевско врне полни 48 часа и чија височина моментално изнесува од 40-50 сантиметри, предизвика проблеми во тековното одвивање на сообраќајот на локално и регионално ниво.

Екипите задолжени за зимско одржување на патиштата непрекинато работат на терен, во оваа операција се вклучени 22 машини од кои 5 ги чистат градските улици, додека 17 машини ги чистат патиштата до селските населби и тоа 11 машини се активни во северниот регион и 6 машини во јужниот регион.

Паралелно со чистењето на улиците, во градот се врши и посолување и попесочување на сообраќајниците и тротоарите.

-Чистењето на снегот во нашиот регион продолжува со несмален интензитет и како резултат на оваа акција исчистени се патиштата до сите села во општината. Единствено преостануваат за чистење патиштата до некои маала во селата од разбиен тип. Да потсетам дека по барање на жител од село Другово кој е подложен на редовни медицински третмани,  исчистен е патот до неговиот дом, со што е овозможен пристап на болничко возило и негов транспорт до соодветната болничка установа-рече Сузана Тасеска од РЦУК Кичево.

Што се однесува до Општинскиот центар Кичево и тука во континуирана акција се вклучени  5 машини и друга пропратна механизација и досега се исчистени сите главни улици и поголемиот дел улички во населбите од градот.

-Од почетокот на невремето и снежните врнежи, наши екипи се постојано на терен.Во градот и неговата околина работат 5 машини и, покрај чистењето на главните улици се интервенира и на помалите улички во сите градски населби.Паралелно со чистењето на сообраќајниците ,во изминатите два дена на кичевските улици се фрлени над 60 метри кубни песок и повеќе од 10 тони индустриска сол.И се додека има снежни врнежи, нашите екипи ќе останат на терен, за навремено да ги одстранат сите тесни сообраќајни грла во градот-рече Лазам Селими од ЈКП„ Комуналец“.

З.А.