Училиштата очекуваат 912 првачиња

131
На 15 јули училиштата ќе го објават списокот на запишаните првачиња

Прилеп

Според протоколи, кои ги објавија основните училишта: паузи меѓу разговорите при уписот на првачињата, а потоа и задолжителна дезинфекција, со едукативни информативни материјали за заштита на влезовите, со држење дистанца и со препораки за држење дистанца, започна уписот на новите првачиња за учебната 2020/2021. Надлежните од Општина Прилеп велат дека во оваа учебна година очекуваат упис на вкупно на 912 првачиња.
– Во вкупно 10 основни училишта, од кои седум во градот и три во руралната средина, започна уписот, кој ќе трае цел месец. На 15 јули сите основни училишта ќе го објават списокот на запишаните првачиња – вели Каролина Николоска, советничка за образование и спорт при Општина Прилеп.

Напоредно, во средните училишта се прават подготовки за упис и на новите средношколци. Годинава во прва година во средните училишта слободни места има за вкупно 1.546 ученици.
– Во гимназијата има 306 слободни места за новите ученици во девет паралелки, СОУ „Ѓорче Петров“ ќе ги отвори вратите за 340 ученици во вкупно 10 паралелки. Во СОУ „Орде Чопела“ има место за 306 ученици во вкупно девет паралелки, СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“ ќе запише 238 ученици во седум паралелки и СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ ќе прими 356 ученици, кои ќе ги распореди во 11 паралелки. Уписот во средните општински училишта ќе биде на 16 и 17 јуни – додава Николоска.

Таа истакна дека поради ковид-19 наставата во училиштата речиси два месеца се одвиваше онлајн и сепак и во такви услови дала успешни резултати.
Најразочарани сепак се прилепските 673 матуранти и 680 полуматуранти, кои како генерација немаа можност да ја прослават својата матура, односно полуматура.
Советничката за образование Каролина Николоска вели дека во следниот период Општината ќе инвестира околу шест милиони денари за подобрување на условите за настава во основните училишта, односно 11 милиони денари за средните. Во изминатите три години во образованието во Прилеп се инвестирани 77 милиони денари, информираат од Општината.