Удрил пешак и побегнал, за три месеца повредени 15 пешаци во Тетово

236

Шеесет и шестгодишник од Тетово во четвртокот околу 17 часот и 30 минути, на улица „29 ноември “ во Тетово, како пешак е удрен од засега непознато патничко возило.

Несовесниот возач го напуштил местото без да му помогне на повредениот.

Поради ударот пешакот добил скршеници на една рака и нога, како и на забите. Во тетовската клиничка болница по укажаната помош, задржан е за натамошно лекување. На местото на удирањето на пешакот извршен е комплетен увид и се преземаат мерки и активности за најден возилото и возачот-учесник во оваа сообраќајка, велат од СВР Тетово.

-Во изминатите три летни месеци, јуни, јули и август, на тетовското подрачје регистрирани се вкупно 15 сообраќајни несреќи во кои поврдени биле пешаци и 20 со учесници мотоциклисти. Најмногу седум пешаци повредени се во јули, кога е најголем и бројот на „сообраќајки“ со мотоциклисти кој изнесува 10. Во текот на август досега бројот на пешаци и моторциклисти е ист, односно по 5- изјави портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.

Според статистиката која се води во СВР Тетово најчеста причина за несреќите со пешаци е недавање предност од возачите, а со мотоциклисти-неприлагодена брзина.

И бидејќи на тетовското подрачје сè уште е голема вкупната сообраќајна фрекфренција, Секторот за внатрешни работи Тетово повторно ги потсетува возачите на нивната законска обврска секогаш да им даваат предност на пешаците. Од друга страна пешаците да не ги преминуваат улиците каде ќе стигнат и да внимаваат и докрај да ја почитуваат сообраќајната сигнализација на крстосниците, велат од СВР Тетово.