Томас Герберих од Прилеп: Потребна е политика без изолација и национализам

162

Со полагање цвеќиња на Германските гробишта, денеска во Прилеп, претставници од Амбасадата на СР Германија, Француската, како и поголем дел од дипломатскиот кор, им оддадоа почит на загинатите војници од Првата светска војна. Притоа беше посочено дека овој ден е за потсет на жртвите на војната и насилното владеење и дека на овој ден им се оддава почит.

Според амбасадорот на Германија, Томас Герберих, овој ден треба да потсетува на мир и да покаже дека сме научиле од искуствата од разорните светски војни.

-Сѐ уште не потсетуваат испади на насилство, вооружени конфликти и ограничување на слободата. Луѓе страдаат и умираат и се принудени на бегство. Нашиот одговор на тоа гласи: Мораме да развиваме способност за помирување. Мора да создадеме свет, во кој цврстата волја е обединета, дека ужасите од војните треба да се испратат во арсеналот на историјата – рече германскиот амбасадор Герберих.

Тој посочи дека Германија и Франција најдоа пат за помирување и дека основата за тоа била и е Европа за заеднички вредности и убедувања, насочена кон неотуѓивите човекови и граѓански права.

-Европа која од континент на војни и опстушувања се преобрази во континент на мир и благосостојба. Одговорот кој го најде Европа, денеска е поитен од кога било. И вреди да има заложба за тоа. Но, идејата на обединет и мирен континент не е автоматизам. Потребна е политика која не изолира и бега во национализам, туку гради нови видови. Тоа е поуката од опустошувањата на минатото, отвореност, великодушност, љубопитност. Не смееме да ги ризикуваме. Тоа е заветот на претходните генерации – истакна Герберих.

Ка.М.