Тетовските ученици повеќе заинтересирани за стручни училишта

76

Во тетовските средни училишта има повеќе интерес за стручното образование отколку за гимназија, велат од општинскиот сектор за јавни дејности. Се смета дека сликата кај средношколците е променета и дека се повеќе сакаат да посетуваат настава која ќе им овозможи да имаат стручен профил.

Ахмед Ќазими, раководител на Секторот смета дека состојбата ја покажува општинската политика посветена на потребите на пазарот на труд.

-Пред 5 години процентот на запишани во гимназија беше 60 отсто, 40 остто беа во средно стручно образование, сега после пет години имаме обратен процес на запишани ученици. Над 60 отсто од учениците се запишуваат во средно стручни училишта, додека другите одат на гимназиско образование. Тоа е како резултат на строгите уписини политики во гимназиско образование и насочување на учениците во овие училишта. Како еден пример да земам дека во 2013 година во средното стручно училиште „Моша Пијаде“ имало запишано севкупно 130 ученици, додека минатата година бројот на ученици запишани во прва година во улилиштево беше 270. Значи двојно поголем број на ученици се запишаа во рок од четири години – рече Ќазими.

Тој овие податоци ги објави на промоцијата на проектот „Образование за Вработување“ на Швајцарската агенција за развој и соработка што има за цел поттикне вработувања во земјата преку подобрување на стручните вештини кај младите.

-Овие проекти кои се за зајакнување на средно стручното образование ние ги поздравуваме и се во полза на нашите образовни политики во последните пет години за зајакнување на квалитетот на образовниот процес како и за зајакнување на средно стручните училишта – вели Ќазими.

Анета Дамјановска, координатор за економски развој во Швајцарска амбасада потенцира дека во рамки на проектот со подобрено стручно образование да им понуди на младите во Македонија полесен пристап до пазарот на трудот односно полесно вработување.

-Нема да ги опфатиме сите 14 сектори во Македонија, но работиме во моментот со три во услужни дејности и три во производство. Ќе работиме со здравство, угостителство, лични услуги, машинство, земјоделие и преработка на храна. Тоа се сектори кои во моментов во Македонија се во раст. Затоа што да се креираат мораме да работиме во сектори кои креираат работни места кои што имаат перспективи за раст, за да имаат можност да ги вработат младите луѓе кои ќе имаат подобрени вештини – рече Дамјановска.

Станува збор за долгорочен проект со траење од 10-тина години за да има доволно време за понуда на решенија кои ќе бидат прифатени од системот и понатаму ќе бидат одржливи.