Сушата го преполови Козјак

191

 КИЧЕВО

Долготрајната суша што со месеци владее во земјава се одрази врз нивото на сите вештачки акумулации, а најтипичен пример е најголемата акумулација во земјава, езерото Козјак, изградено во 2004 година во кањонот на реката Tреска во регионот на Порече. Езерото во нормални услови со 130 метри е најдлабоко во земјава, но по долготрајната суша тоа е многу поплитко, а неговата должина од 32 километри е намалена за една третина. Жителите на Порече поради близината на селата до езерото секојдневно ги следат промените на оваа акумулација предизвикани од сушата.

– Вештачкото езеро Козјак од неговиот почеток на полнење во 2004 година никогаш не било помало и попразно, а долготрајната суша речиси ја преполови неговата големина и визуелно може да се забележи повлекување на водата кон браната барем за 7-8 километри, каде што повеќе акумулација и не постои, а во средината на кањонот може да се забележи коритото на реката Треска како што беше тоа пред изградбата на оваа акумулација. На крајезерските падини на планините и ридовите што го опкружуваат може да се забележи колку е спуштено нивото на езерото, кое во делот кон браната е под нивото за 30-40 метри и таму каде што езерото имало помала длабочина акумулацијата ја нема, барем есенва – вели Даниел Јованоски жител на Порече.
Жителите од овој регион покрај во незапаметената суша, што добива невидени размери, празнењето на езерото го лоцираат и во зголеменото испуштање, што придонесува оваа акумулација од месец на месец да биде сѐ помала, а не како пред 16 години најголема во земјава.

– И претходните години кон крајот на летото и во текот не есента се случуваше да опадне нивото на акумулацијата Козјак, но како годинава водостојот никогаш не бил, од нашето село кога езерото е полно секогаш се пружаше убава глетка. Годинава езерото го нема, а на неговото место е останато само коритото на реката Треска, додека езерото е повлечено десетина километри и истото тоа сѐ повеќе се повлекува кон браната. Во овој миг и во најдлабокиот дел тешко е да се поверува дека езерото е длабоко осумдесетина метри. Да очекуваме да се подобри хидролошката состојба, да имаме побогата зима со снег, за да не ни се повтори оваа жалосна слика, на некогаш полноводното и бистро езеро пребогато со риба, крај чии брегови никна и викенд-населба, а тука странска компанија изрази желба да изгради хотел за пензионери еден од неколкуте од синџирот во Европа, да се претвори во празен кањон – вели Диме Милошески.
Инаку езерото од неговиот почеток понуди повеќе можности и содржини, а на неговите води во неколку наврати беше организиран и Куп во далечинско пливање и во него низ годините се уловени риби од повеќе видови со рекордна големина.