Сугарески: Ќе обезбедиме над 100 милиони евра за водоводна и канализациска мрежа

56

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој денеска беше во посета на Дојран, најави дополнителни 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта, како и над 100 милиони евра кои ќе бидат инвестирани во водоводна и канализациона мрежа.

– Ќе обезбедиме над 100 милиони евра за општините кои ќе може да се искористат за изградба на водоводи и канализации и затоа апелирам до општините да подготват и достават ревидирани проекти до Владата. Општините треба да ги утврдат приоритетните проекти, а ние ќе им помогнеме да ги реализираат. Ова е еден од начините со кој ќе ги подобриме условите за живот на граѓаните – рече Сугарески.

Тој денеска се сретна и со градоначалникот на Дојран, Анго Ангов со кого разговараше за приоритетните проекти во општината како што се изработката на урбанистичките планови, развојот на туризмот, привлекувањето на странски инвестиции и подобрувањето на патната и комуналната инфраструктура.

Градоначалникот на Дојран најави дека до почетокот на идната година ќе се заврши асфалтирањето на локалниот пат Дојран-Црничани.