Сугарески: Општините да достават проекти за инфраструктурни проекти

33

Општините да достават готови проекти до Владата за да може да ги искористат парите кои беа наменети за изградба на карго аеродромот во Штип, а сега се пренаменети за инфраструктурни проекти во општините, апелира министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

– Се работи за сериозна сума на пари од кои 40 милиони евра од планираните за изградба на аеродромот, а остатните од јавните претпријатија – изјави министерот Сугарески по денешната посета на општина Илинден и средбата со градоначалникот Жика Стојановски.

Тој додаде дека се работи и на проект за санација и реконструкција на локалните патишта низ општините и оти во моментот се прават сериозни анализи и се собираат податоци од општините кои патишта треба да се реконструираат. 

– Ова ни е потребно за да утврдиме точна рамка за колкави средства станува збор. Се планира меѓу 70 и 100 милиони евра кредитна линија и ве уверувам дека се што можеме, ќе помогнеме за да го забрзаме еконскиот развој на општините и да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните – рече Сугарески.

Освен денешната средба во општина Илинден, министерот Сугарески досега оствари средби и посети и на општините Кисела Вода и Бутел.