Сугарески: Во Прилепско вложуваме над 80 милиони евра во патната мрежа

94

Во Прилепскиот регион вложуваме преку 80 милиони евра во изградба и рехабилитација на патната мрежа, a жителите добиваат модерни и безбедни патишта, истакна министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, кој денеска заедно со градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски изврши увид во градежните работи за рехабилитација на патниот правец Лагово-Штавица-Витолиште.

Како што појаснуваат од ресорното министерство, овој регионален пат се рехабилитира во должина од 9 километри.

Проектот се реализира преку програмата на ЈП „Македонија пат“ и е во вредност од 650 илјади евра. Градежните работи се во тек, а од денеска започнува асфалтирање на патот.

Градоначалникот Јованоски истакна дека рехабилитацијата на патниот правец е од големо значење за општина Прилеп.

– Овој пат е од витално значење за општина Прилеп, не само за жителите на околните места кои секојдневно гравитираат на овој потег, туку и за сите оние кои имаат викендици и поседи во Мариовскиот крај или се занимаават со сточарство, пчеларство и слично, поради што често патуваат по оваа делница – изјави прилепскиот градоначалник.