Студенчица без капка вода во нејзиниот долен тек

114

Коритото на некогаш полноводната и бистра река Студенчица, во чии води можеше да се уловат најквалитетната речна пастрмка салмо македоникус, ракови и сѐ што вирее во чистите и студени планински води, за жал деновиве целосно е исушено во должина од близу три километри. Дефицитот од вода во речното корито, секако, целосно ќе го промени биодиверзитетот на оваа река и прашање е колку години ќе треба, барем делумно, да се врати во нормала живиот свет во Студенчица.
Од ЈПВ „Студенчица“, претпријатие што стопанисува со оваа река и од каде што со вода за пиење се снабдуваат над 160.000 жители од повеќе општини во југозападниот дел од земјава, тврдат дека целосно го почитуваат договорот за хидробиолошки минимум на реката и дека во речното корито редовно се испуштаат најмалку 50 литри вода во секунда, а изминативе триесетина дена количествата беа многу поголеми и изнесуваа околу 120 литри.

– Она што е договорено во реката да се испуштаат најмалку 50 литри вода во секунда за хидробиолошки минимум, нашата компанија во целост го почитува и, следејќи ги секојдневните параметри, можам одговорно да потврдам дека не 50 литри, туку во речното корито се испуштаат повеќе од100 литри вода во секунда, а тоа што дел од речното корито е исушено, причината лежи во понирањето и испарувањето на водата, на што ние како компанија не можеме да дејствуваме – вели Гоце Наќески од ЈПВ „Студенчица“.
Рибарите се крајно разочарани и револтирани, бидејќи најчистата река во регионот остана без капка вода и којзнае уште колку време треба да помине за во коритото на оваа река да протечат првите количества вода, но во тој случај некогаш пребогатата река со жив свет ќе биде безживотна.

Проблеми со недоволно вода во реката за својот рибник чувствуваат и неговите сопственици, кои се принудени да ги намалат количествата на риба во базените за да не наидат на дефицит од неопходниот ресурс – водата.
– Последните неколку години кон крајот на летото и почетокот на есента штедроста на изворот Студенчица е во опаѓање, а тоа нѐ присилува, во време кога најмногу се бара рибата, да ги намалиме количествата во базените за да може рибите нормално да егзистираат. И по цена на намалени приходи, мора да се однесуваме така – вели Бобан Миноски.
Инаку, во моментов штедроста на изворот Студенчица изнесува околу 800 литри и од компанијата потврдуваат дека околу 700 литри вода во секунда се упатуваат кон водокорисниците, додека минимум 100 литри вода во секунда се испуштаат во речното корито преку малата хидроцентрала, а бидејќи РЕК „Осломеј“ е надвор од погон, за хидробиолошки минимум остануваат поголеми количества вода од договореното.