Срнчето Бамби се врати дома

655
Фото: Зоран Антоски

Срнчето Бамби кое пред 10-ина месеци беспомошно и старо едвај 10-ина дена, препуштено на милоста на природата, го пронајде и згрижи во сопствениот дом Кире Радески од село Белица и за кое неодамна пишуваше „Нова Македонија“, од безнадежно животинче преку ноќ се претвори во домашно милениче.

Но работите за да не одат така идилично, пред неполна седмица срнчето Бамби преживеа големо искушение, кога во двориштето на Раде беше нападнато од селските кучиња и четири дена од него немаше ни трага ни глас, а прашање беше дали воопшто ја преживеа оваа голгота.

-Измина речиси цела седмица, а сè уште не можам да ги заборавам четирите дена кога нашето милениче, срнчето Бамби, во нашиот двор го нападнаа селските кучиња во време додека ние ручавме. И додека излеговме надвор, од срнчето ни трага ни глас и од тој момент започна интензивната претрага во блиската планина, но сите обиди и надежи дека ќе го пронајдеме Бамби полека се гасеа- вели Кире Радески кој и во ноќните часови не можел спокојно да спие, од жал за прекрасното суштество. Но неговата скриена надеж дека срнчето сепак ќе се врати дома, се остварила во средата предпладне кога Бамби навистина се врати дома.

И кога се губела и последната надеж дека уште еднаш ќе го видат срнчето Бамби, тоа се појавило пред нивниот дом.

-И покрај големите напори и секојдневните интензивни претраги на планината, сепак резултат немаше и полека ја губевме и последната надеж дека уште еднаш ќе го сретнеме Бамби и тогаш како во сон во средата предпладне се случи чудо. Ја отворив влезната врата да излезам надвор и пред очите го здогледав срнчето како се подготвува да влезе дома. Малку ги протрив очите и си велам, дали сонувам или е јаве. Прегладнетото и исплашено срнче ми дојде во прегратка и од преголемата радост кај двајцата не можевме долго да се разделиме и, потоа со сопругата го внесовме дома, му подготвивме храна, пресреќни што ни се врати Бамби и што ќе го продолжиме заедничкиот живот. Поучени од ова искуство, повеќе не го оставаме Бамби пред куќата само, за да не се случи нешто слично-заврши Кире, во чии очи блеска радоста од среќниот завршеток со случајот Бамби, но лебди и прашањето каде беше во тие четири дена и како можеше без ничија помош да се врати дома.

З.А.