Споменикот на револуцијата во Тетово бојадисан по неодамнешното вандализирање

1204

Музејот на тетовски крај изврши санација на Споменикот на револуција кој редовно се вандализира со испишување непристојни пароли и недолични графити. Беше извршено чистење, бојадисување и санирање на оштетени делови. Во текот на мај беше извршено последното оштетување на овој споменик од народно-ослободителната борба.

-Овој споменик е честа мета на вандалски чинови и оштетувања. Освен денешната акција планираме уште повеќе да се работи во иднина, да заличи споменикот. Се во рамки на нашите можности и буџет -изјави директорот на Музејот на тетовски крај, Миќо Стојчевски.

Од Сојузот на борци велат дека нагрдувањето на спомениците од втората светска војна е честа појава, па апелираат обележјето да остане во иста состојба како на денешниот празник, 4 јули ден посветен на борците.

-Сметаме и се надеваме дека национал романтизмот ќе го нема кај луѓето. Исто така дека општинските власти ќе почнат да се грижат за обележјата од НОБ иако тоа не се прави од осамостојувањето на Македонија. Годинава добивме ветување дека кај Споменикиот на револуцијата ќе се вратат бистите на народните херои Ѓоце Стојчевски Амбарче и Тодор Циповски Мерџан – изјави Јоцко Димитриевски претседател на Сојуз на борци Тетово.

Двете бисти пред 12 години се наоѓаа на градскиот плоштад. Беа отстранети поради реконструкција на плоштадот, но оттогаш не се враќаат од страна на општинските власти.