Со парите за новогодишни украси ќе се купат прочистувачи на воздух

109

КАРПОШ

Во пресрет на новогодишните и на божиќните празници, Општина Карпош се подготвува за симболично украсување на неколку пофреквентни локации, со тоа што значително се намалени буџетските средства за оваа намена. Од планираните два милиони денари за новогодишно украсување во 2020 г., ќе се објави јавна набавка за украсување до 600 илјади денари (со можност цената при електронска аукција уште повеќе да се намали).
– На овој начин заштедуваме најмалку 1.400.000 денари, кои се буџетски средства што Општина Карпош ќе ги пренамени за дополнително опремување на воспитно-образовните установи (градинки и училишта) со прочистувачи на воздух. На овој начин се постигнува побезбеден престој за најмладите, но и настава за учениците особено во периодот на загадување на воздухот. Локалната самоуправа во изминативе три години, покрај тоа што ги укина трошоците за новогодишни прослави на администрацијата, репрезентативни материјали и слично, драстично ги намали и трошоците за новогодишно украсување – велат во Општината.

Во 2017 година за оваа намена биле потрошени 406.000 денари, а по два милиони денари во 2018 и 2019 година. Во мандатот на претходното општинско раководство во 2014 година биле потрошени 500.000 денари, во 2015 година – 760.000 денари, а во 2016 година за оваа намена биле одвоени 250.000 денари.
– Локалната самоуправа нема да дозволи банализација на транспарентноста и одговорното работење. Со објавување на овие податоци само уште еднаш ја потврдуваме проактивната и навремена комуникација со граѓаните, со медиумите и со целокупната јавност. За ваквиот тип комуникација Општина Карпош беше оценета и како најтранспарентна скопска општина, а трета институција на национално ниво, по истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.

Новогодишното украсување оваа година ќе се спроведе само на пофреквентните локации, платото на „Млечен“, платото „Делфина“ во Влае 2, платото во Карпош 3, кружниот тек на улицата Париска (која се граничи со улицата Варшавска во Тафталиџе 1), паркот спроти студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Козле – додаваат оттаму.