Создадена визија за Шар Планина во наредните 20 години

70

Македонското еколошко друштво и други невладини организации го завршија проектот од кој произлезе студија со препораки наречена „Визија за Шар Планина во 2038 година“. Во период од три месеци во шесте општини на полошкиот регион, кои гравитираат кон Шар Планина, се одржаа трибини со локалното население на кои тие ги истакнуваа проблемите, но и можните начини за заштита на шарпланинскиот масив.
– Препораките ќе им ги дадеме на државните институции, кои треба да го завршат процесот на прогласување на Шар Планина за национален парк. Ние бараме што поскоро да се заштити Шара и се надеваме дека тоа ќе биде во наредните неколку години – изјави Фросина Пандурска-Драмиќанин од Македонското еколошко друштво.

„Визијата за Шар Планина“ претставува експертска студија базирана на идеите и препораките на земјоделци, ловџии, планинари, собирачи на плодови и други луѓе што се поврзани со планината. Некои од препораките се однесуваат на потребата за имање патеки, а не патишта. Се бара и се предлага реките да бидат во своите корита, а не во хидроцентрали. На Шара повторно да ги има козите, рисот и тетребот.

– Потребно е реформирање на свеста бидејќи отсуствува комплетна грижа за планината. Истакнуваме дека заштита треба сега, веднаш. Постојат закони со кои може да се регулира заштитата на Шара, а прогласувањето на национален парк е усовршување на процесот, кој има и следна фаза, а тоа е социоекономски развој – истакна Валентин Тасевски од здружението „Брезјанско Око“.
Невладините организации што партиципираат во платформата „Пријатели на Шара“ ваквите искуства ќе ги разменуваат со колегите од Косово и од Албанија. За таа цел е формирано прекугранично советодавно тело Шара – Кораб – Коритник.