Собрани 538 единици на крв за седум месеци во акциите на Црвен крст – Кичево

60
Фото: Зоран Антоски

Од година во година бројот на крводарувања во општина Кичево е во постојан пораст, што треба да ги радува здравствените установи во земјава, бидејќи проблемот со недостаток на крвни единици честопати е присутен во нивното работење.

Така во оваа календарска година за првите седум месеци во повеќе крводарителни акции организирани од страна на општинската организација на Црвениот крст собрани се вкупно 538 крвни единици од сите крвни групи, а радува фактот што се повеќе млади пројавуваат интерес да ја подадат својата рака и да подарат дел од најдрагоцената течност.

– Во текот на оваа календарска година бележиме добри резултати во крводарувањето и така до први осми собрани се вкупно 538 крвни единици во повеќе крводарителни акции организирани во поголемите компании и институции во градот како што се: РЕК „Осломеј“, касарната „Чеде Филипоски Даме“, компанијата за заштитни перничиња „Џојсон Сејфти Системс“ и други. За годинава планирани се 20 редовни крводарителни акции и 3 вонредни, кои ќе бидат спроведени според потребите од здравствените институции. Ако ги погледнеме актуелните бројки ќе бидеме повеќе од сигурни дека и годинава ќе ги повториме рекордните остварувања од претходните години, иако пандемијата со ковид-19 во одредена мерка ги промени плановите и, покрај зголемените потреби од најдрагоцената течност на повеќето болници во земјава -истакна Бесник Селими секретар на ОО на Црвениот Крст – Кичево. З.А.