Снегот и ниските температури го собраа и родот на сливите

367

Ако пред една седмица снегот и ниските температури во ноќните часови придонесоа коскестите овошки, праски, и кајсии, во екот на цветањето да останат без род, така се случува деновиве кога во земјава падна нов снег, кој надополнет со минусните температури ќе придонесе и родот на сливите да се сведе на минимум, бидејќи овие овошки деновиве беа во полн ек на цветање.

Останува да се почека средината на април, кога треба да процветаат јаболката, дали тие ќе се спасат од задоцнетата зима или ќе се повтори ситуацијата од пред 2 и 3 години, кога родот се сведе на минимум, токму поради мразот. Земјоделците се разочарани што и годинава времето не им е наклонето.

– Нашата фабрика под ведро небо во голема мерка зависи од развојот на временската состојба. Така снегот кој наврна пред една недела ги попари праските и кајсиите, а овој снег истото го направи со сливите. Сега се молиме на бога барем да куртулат јаболката, крушите и останатите овошки кои цветаат кон средината на април, или повторно ќе имаме сиромашна година како пред 2 и 3 години, кога родот целосно потфрли поради пролетните мразеви – се пожалија овоштари од Кичевско. З.А.