Складираниот смет повторно ги задушува тетовци

658

Повторно непријатна миризба од сметот кој се складира во дворот на новата претоварна станица на тетовското комунално претријатие ги оптоварува тетовци во секојдневното живеење. Мирисот на изгорено, најмногу се чувствува во вечерните часови. Веќе неколку денови се чувствува ваквата состојба.

Од Јавното комунално претпријатие Тетово, соопштија дека дефект во системот на претоварната станица е причина, да не може тековно да работи. Инфомираат дека за неколку дена треба да пристигне од Хрватска нов дел од системот што треба да биде монтиран, па станицата повторно да биде функционална.

-Засега во рамки на можностите, со големи камиони сметот се носи во Дрисла. Сметот не се пали – велат од ЈКП Тетово.

Новатата претоварна станица на еден километар надвор од Тетово во правец кон селото Требош требаше да биде решение за постојаното загадување на воздухот поради дивата депонија која се создаде на старото место за претовар на смет. Сметот се собираше и компресираше за да се носи во големи камиони која собира 35 кубни метри отпад.

– Оваа состојба укажува дека нема одржливо решение од страна на општината. Владата да ги преземе надлежностите на општината околу менаџирање со сметот – смета Аријанит Џафери од граѓанското здружение Еко Герила.

Комунален смет веќе една деценија се собира на неколку локации кои се нарекуваат претоварни станици на комуналното претријатие. Новата претоварна станица почна да работи пред една година. Дел од решението треба да биде регионалната депонија за управување и рециклирање отпад во Русино.

А.С.