Се санираат последиците од големото невреме во Битола

135

По обилните врнежи од дожд што синоќа ја зафатија Битола и по целоноќните интервенции на терен од страна на екипите, денес увид во најпогодените локации во градот изврши градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска, заедно со директорите на јавните претпријатија.

-За жал, во текот на вчерашниот ден, краткотрајно но сепак драматично, Општина Битола ја зафати невреме. Веднаш, по првите повици, јавните претпријатија, вклучително и пожарната делуваа на терен, се одржа Кризен штаб на кој се информиравме што дотогаш е направено и се дадоа натамошни напатствија на делување, се работеше во текот на целата ноќ на расчистување на критичните точки на терен, а она што следува во текот на денот е расчистување и дезинфекција која е значајна, особено во овие околности – рече Петровска.

Екипите на битолските јавни претпријатија „Водовод“, „Комуналец“, „Нискоградба“ и „Паркинзи“, заедно со екипите на ТППЕ Битола во координација со претставниците од Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи, во текот на ноќта веднаш по обилните дождови реагираа на терен со севкупната механизација.

Интервенциите се одвиваа во населбите Карпош, Јени Маале, на влезот во Битола М5 кај бензинската станица на Лук Оил, кружниот тек на Дулие, Горно Оризари, кај училиштето „Тодор Ангелевски“, на ул. Дебарска во населбата Баир и на други локации по повик на граѓаните.

Се работеше и на испумпување на водата од куќи, станови и установи.

М.М.