Се полни прилепското езеро за наводнување, ќе се обновува испустот на бараната

1650

До април водостопанското претпријатие „Прилепско поле“ очекува да се наполни прилепското вештачко езеро за наводнување на површините, главно, со тутун.

Според Ѕвонко Талески, раководител на водостопанското претпријатие „Прилепско поле“ во моментов интензивно се полни акумулацијата. Од максималниот капацитет од шест милиони кубни метри вода, има 550 000.

– Моментално, во вештачкото прилепското езеро има акумулирани окмолу 550 000 метри кубни вода и секојдневно интензивно се зголемува. Анализите и искуствата досега покажуват дека во февруари, март и април се зголемува дотокот на вода. Се надеваме дека ќе имаме успешна сезона за наводнување. Од искуство, прелевањето во акумулацијата е во април. Нашиот интерес е да акумулираме што повеќе вода, да има задоволни корисници и да имаме ефективна наплата на услугите за користењето вода за наводнување. Максималниот капацитет на езерото е шест милиони метри кубни вода. Доколку хидролошките услови се како лани, очекуваме во април – објаснува Талески.

На браната и претстои проект за осовременување на испустот на вода. Проектот, грант од девет милиони денари од УНДП во 2018 година се одложува за наесен, во октомври, откако ќе заврши сезоната на наводнување за да не им биде пречка на корисниците.

– Испустот е горлив, повеќегодишен проблем од круцијално значење за градот. Требало да се реши од поодамна, уште кога хидросистемот бил во рамки на Тутунскиот комбинат. Со години се подготвувал проектот кој се ревидирал 2017 година, зашто проблем било финансирањето. Сега, за ова, средствата од девет милиони денари се обезбедени како грант преку УНДП. Монтажата на хидромеханичката опрема требаше да заврши во јануари. Изведувач на проектот е фирмата „Жикол““, а надзор има Градежниот институт на Македонија. Ќе се врши промена на темелниот испуст, ќе се поставуваат два вентила: еден конусен, еден пеперутка-вентил и активностите ќе продолжат по сезоната за наводнување, во октомври годинава, со цел да не бидат оштетени водокорисниците и да има успешна сезона за наводнување. Се надеваме дека нема да има проблем кој датира од поодамна, објаснува Талески.

Инаку, лани се потпишани 2.800 договори за наводнување, наплатата е околу 85 насто. Бидејќи главна култура за наводнување е тутунот, корисниците плаќаат кога ќе ги земат субвенциите од тутунот.