Се подобрува штедроста на изворот Студенчица

109
Фото: Зоран Антоски

Последните врнежи од дожд кои ја зафатија нашава земја беа многу благодетни како за земјоделието, така и за подобрување на хидролошката состојба на сите водотеци во земјава. Изворот Студенчица, по незапамтениот минимум од само 480 литри вода во секунда, со последните врнежи од дожд ја зголеми штедроста на дополнителни 300 литри вода во секунда, што е одличен показател дека работите одат на подобро и дека водена криза нема да има.

-Она што најмногу го посакувавме последните неколку дена беа врнежите од дожд, кои не го заобиколија ниту нашиот регион и кои придонесоа штедроста на изворот Студенчица од минималните 480 литри вода во секунда, за краток период да се зголеми на 780 литри вода во секунда или забележано е зголемување од дури 300 литри, за многу краток период. Ова покачување на штедроста на изворот, придонесе сите населени места и стопански капацитети кои добиваат вода од овој водоснабдителен систем да можат да бидат спокојни, бидејќи хидролошката состојба е многу подобрена споредена со периодот од пред десетина дена. Според денешната распределба на вода, за РЕК „Осломеј“, кој работи со полн капацитет и населените места во овој регион се упатуваат 180 литри и Кичево добива 180 литри, кон Прилеп и останатите општини од тој регион се упатуваат 400 литри, од кои за најголемиот конзумент Прилеп се наменети 260 литри вода во секунда. Ако се земе во предвид дека прогнозите и во наредните десетина дена најавуваат нови врнежи од дожд, тогаш можеме да очекуваме уште подобра штедрост на изворот и безгрижен период за сите водокорисници од овој систем – вели Урим Ахмеди, директор на ЈПВ „Студенчица“.

 Инаку, за хидробиолошки минимум во реката се испуштаат 50 литри и значајно е тоа што по целото речно корите има вода, што не беше случај последните месец и половина кога во сливниот дел речното корито беше целосно суво.

З.А.