Се набавуваат опрема и компјутери за училиштата и се подобрува интернет-врската во училниците

35

КАРПОШ

Општина Карпош и општинските основни училишта интензивно се подготвуваат за почетокот на новата учебна година. Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, и дел од службите на локалната самоуправа имаа координативна средба со директорите на сите училишта.
– Работиме на спроведување подобра интернет-врска во училниците (од каде што наставниот кадар ќе држи настава), набавка на дополнителна ИТ-опрема и компјутери, како и скалест распоред за организирање на е-наставата. Во подготовки сме и за ребаланс на буџетот на општината, со што ќе овозможиме повеќе средства за образованието и за најмладите. Оваа година, како резултат на ковид-19, не се одржаа „Карпошовото културно лето“ и меморијалниот турнир во мал фудбал „Сокол“. Ова се важни локални настани за граѓаните, но денеска е поважно да обезбедиме подобри услови за почеток на учебната година – рече Богоев.
Градоначалникот информира дека и текот на воспитно-образовниот процес во градинките се одвива без поголеми проблеми. Единиците на локалната самоуправа примарно се одговорни за инфраструктурата во основните училишта. Од овој аспект, Карпош работеше на санации и реконструкции во летниот период (реконструкции на покривни површини, реновирање и адаптација на училници).
Почетокот на учебната година е покомплексно прашање, но ова е период што бара одговорност од сите чинители што се дел од воспитно-образовниот процес.