Се истражува археолошкиот локалитет Градиште-Антигонеа кај Неготино

122

Се истражува археолошкиот локалитет Градиште-Антигонеа кај Неготино. Продолжуваат ископувањата од меѓународниот проект почнат во 2009 година. Активностите се реализираат од страна на НУ Археолошки Музеј на Македонија, во соработка со Општинската установа Музеј на град Неготино и Универзитетот Гдањск од Полска.

– Раководители на истражувањата се Перо Арџанлиев од Археолошкиот музеј на Македонија и Николас Секунда од Универзитетот Гдањск. Членови на стручниот тим на истражувањата се Мила Шурбановска, Роберт Поповски и Елена Каранфиловска од Археолошкиот музеј на Македонија, Костадинка Филипова од Музејот на град Неготино и студенти од Универзитетот Гдањск – истакна директорот на Неготинскиот музеј, Драгица Чекорова.

Археолошкиот локалитет „Градиште-Антигонеа“ се претпоставува дека постоел од VIII век п.н.е. до доцниот римски период, односно третиот век од наша ера.

– Од досегашните археолошки истражувања на овој локалитет се пронајдени голем број на археолошки наоди, главно од керамика, метал и стакло кои се наоѓаат во изложбените витрини и во депото на Музејот во Неготино. Станува збор за керамички садови од кои поголемиот број може да се реконструираат. Поголемиот дел од керамиката е локална изработка, а еден дел е импортиран од Мегара. Во горните слоеви има големо количество на фрагментирана римска керамика, од кој еден дел е со локално потекло а друг дел е импорт, теракотни фигурини со претстави на Кибела, хеленистичка локална и импортирана керамика и кујнска керамика, потоа метален накит, орудија и оружје, стаклени предмети – рече Чекорова.

На локалитетот при истражувањата се пронајдени и монети од римскиот период од кои дел се конзервирани и заштитени.

– Во секој случај локалитетот „Градиште-Антигонеа“ – Неготино, претставува комплексен археолошки локалитет кој поради сложеноста, допрва треба да се истражува – додаде Чекорова.