Се зголемува дотокот на вода во Треска, но се е уште под повеќегодишниот просек

117

Врнежите од дожд и снег кои во последните 15 дена се присутни во земјава, придонесоа речните корита да бидат нешто пополни, но поради долготрајната суша нивото на реките се уште е под повеќегодишниот просек. Во тој поглед не е исклучок ни реката Треска, на чиј извор пред неполн месец беа измерени едвај 250 литри во секунда, што е апсолутен минимум измерен во последните неколку децении.

На зголемениот водостој на Треска најмногу му се израдуваа вработените од најголемиот рибник во земјава во село Извор, спортските риболовци и жителите од крајречните села, чие земјоделие е непосредно поврзано со количествата на вода во реката за наводнување на над 1500 хектари ораници.

-Врнежите од дожд и снег кои ги имавме во нашиот регион последните 20-ина дена придонесоа штедроста на изворот на реката Треска незнатно да се зголеми, но уште е под повеќегодишниот просек, кога штедроста на изворот изнесуваше над 1000 литри. Во моментов штедроста се движи помеѓу 400—500 литри вода во секунда, но ако и овој месец немаме доволно врнежи од дожд и снег, количините на вода од изворот можат повторно да се намалат. Инаку за нашиот рибник за нормална работа се потребни барем 700 литри кои се уште ги немаме, затоа и денес во базените вршиме аерација на водата, односно збогатување со кислород и така ќе биде се додека дотокот на вода е под неопходниот минимум-вели Душко Радески, одговорен на рибникот во село Извор.

Покрај вработените од рибникот и жителите во крајречието предупредуват дека минирањата кои наскоро треба да се изведат над самиот извор на Треска, можат трајно да ја влошат состојбата на самиот извор.

-Состојбата со изворот на реката Треска може трајно да се влоши, бидејќи на 15-ина метри од самиот извор треба да се извршат минирања за трасата на новиот автопат. Големите потреси при овие минирања, може да предизвикаат и тектонски пореметувања на дел од локалитетот, кои може да придонесат да има уште помала штедрост на изворот и нарушување на биодиверзитетот по целото течение на некогаш полноводната река- загрижено зборуваат жителите од крајречните села. Се бара експертско мислење, што може да се случи на овој микро простор по планираните минирања.