Се гради параклис за тетовската црква „Света Богородица“

157

Тетовската црква „Света Богородица“ добива параклис. Објектот е изграден со помош на донации на верници, а се реализира по првична идеја за помошен објект за палење свеќи.

– Црковниот одбор, по добиените препораки од ликовни експерти, дека горењето на свеќите во внатрешноста на црквата не е добро за фреските, минатата година реши да започне со градење помошен објект. Со благослов на митрополитот тетовско-гостиварски г. Јосиф, објектот прераснува во параклис, кој најверојатно за еден месец ќе биде и осветен – изјави Небојша Недељковиќ, благајник во црковен одбор.
Со градбата се започна во септември 2017 година. Сега треба да се работи на фасадата и на обликување на внатрешноста, да се постават оков и слична инфраструктура.

– Иако се собраа средства од над 15 илјади евра, потребни се уште. Само бакарот на покривот чини над четири илјади евра. Со оглед на висината на инвестицијата, потребни се уште парични средства или каква било помош што верниците можат да ја дадат за да се заврши изградбата на овој објект – рече Недељковиќ. На состанок на црковен одбор треба да се разгледува името на параклисот.