„Септемвриски извиднички средби“ во Кичево

93

Tрадиционалните Септемвриски извиднички средби“ по 46. пат ќе се одржат во Кичево од денес и ќе траат до недела

Организатор е извидничкиот одред „Мирко Милески“. На средбите се очекува да земат учество над 100 извидници од повеќе градови во земјава. Извидниците ќе бидат поделени во три возрасни категории и според возраста ќе се натпреваруваат во повеќе дисиплини. По пречекот на гостите во текот на попладнево, вечер со почеток во 20 часот, ќе биде свеченото отворање на средбите.

– Од 13 до 15 овој месец нашиот извиднички одред ќе биде домаќин на 46-те Септемвриски извиднички средби, на кои ќе земат учество извидници од седум клубови од најголемите градови во земјава. Од главниот град ќе учествуваат извидничките одреди „Галеб“, Прв скопски извиднички одред, Извиднички- поречански одред „Јадран“, И.О. „Феникс“-Прилеп, Извиднички езерски одред „Охрид“ од Охрид, гости ќе ни бидат извидници од Битола и ние како домаќини од И.О. „Мирко Милески“. На средбите ќе земат учество над 100 извидници, кои според возраста ќе бидат поделени во три категории и тоа извидници на возраст од 7 до 11 години, од 12 до 15 и од 15 до 18 години. Сите извидници ќе бидат сместени во извидничкиот камп кај Кичевската соколана. Учесниците на средбите ќе се натпреваруваат во ориентација, шаторизација и забавни игри, кои ќе се состојат од низа содржини – истакна Бобан Стојаноски, началник на извидничкиот одред „Мирко Милески“.

Во вечерните часови секојдневно ќе бидат организирани забави и гитарска музика, која ќе ја продуцираат самите учесници на овие средби. В недела претпладне е прогласување на најуспешните и затворање на средбите. Инаку целокупните активности на годинешните средби ќе се одвиваат во извидничкиот камп. Во изминатите 45 сесии средбите се одржувале и во Кнежински манастир, Китиното Кале и во село Орланци.

З.А.