Свлечиште на патот кон манастирот „Св.Јоаким Осоговски“

163

Повторно се активираше свлечиште на локалниот пат кон манастирот „Св.Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка. Свлечиштето е на старата траса на патниот правец, на околу 100-150 метри од објектите на манастирскиот комплекс.

Од општина Крива Паланка информираат дека се работи за свлечиште од поголеми размери кое го отежнува нормалното одвивање на сообраќајот.

– Преземаме активности на критичниот дел за да се овозможи неопходно одвивање на сообраќајот, но во моментов не е можно целосно санирање на свлечиштето поради големиот обем и неповолните временски услови. Критичното место е соодветно означено и сообраќајот се одвива на стеснет дел од коловозот – посочуваат од општината.

Апелираат граѓаните да не ја отстрануваат или оштетуваат поставената сообраќајна сигнализација и да бидат осебено внимателни при движење на тој дел од патот.

Се препорачува до санација на свлечиштето за сообраќај да се користи новоизградениот патен правец до манастирот т.н. Руски пат.