„Светскиот ден на детето“ за првпат одбележан и во Кичево

138

За првпат, годинава и во Општина Кичево е организирано одбележување на „Светскиот ден на детето“ – 20 ноември. На одбележувањето зедоа учество учениците од пониските одделенија од сите основни училишта во општината, кои со музички, балетски и рецитаторски точки, се претставија пред гледачите во преполната сала од Центарот за култура.

– Светскиот ден на детето се одбележува за да ги потсети институциите дека се уште постојат деца кои живеат во нехумани услови, кои влијаат врз нивниот раст и развој. Потребата од заштита на правата на децата произлегува од фактот дека тие претставуваат најранливата категорија на лица во оштеството, која лесно може да биде изложена на злоупотреба и насилство. Инаку, на ова одбележување ние се претставивме со една музичко-балетска точка  насловена „Гласот на децата“, со која нашите ученици испратија јасна порака до сите, дека и нивниот глас треба да се слуша и нивните права да се почитуваат. Во оваа балетска точка беа ангажирани нашите ученици од трето до петто одделение – истакна Милчо Данилоски од ОУ „Христо Узунов“ село Другово, едно од училиштата учесници на ова одбележување. З.А.