На годинашното чествување учествуваа над триста вљубеници во верата и во природните убавини од Гостивар, Скопје, Валандово, Гевгелија, Куманово,
Битола, Охрид, Струга, Прилеп, долнореканските села и од други места на Македонија

Несекојдневен црковен настан се одржа на врвот Крчин, на надморска височина од 2.341 метар, во близината на македонско-албанската граница, каде што некогаш се наоѓаше македонската црква „Преображение“, а сега има купови камења што потсетуваат на неа. Во организација на братството на бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ и на сестринството на манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ од дебарското село Рајчица, предводени од нивниот игумен и старец, архимандрит Партениј, вчера третпат беше одржана света литургија во небесните возвишенија на врвот Крчин, во чест на големиот христијански празник Преображение (19 август). Чествувањето се одржа една недела порано, бидејќи монасите и монахињите на празникот имаат обврски во манастирите.

Светата златоустова литургија ја одржаа јеромонахот Кирил и јероѓаконот Силуан од Бигорскиот манастир, која беше проследена со прекрасно пеење на монасите и на монахињите. Нивните мелозвучни и моќни гласови одекнуваа низ планината, се ширеа низ непрегледниот простор. Традицијата на преображенското празнување продолжува на Крчин. Годинава се чувствуваше третпат едноподруго, најмасовно досега, со што се возобновува една вековна традиција на жителите на долнореканското село Битуше, што се наоѓа под планината Крчин, што беше прекината пред 83 години. На годинашното чествување учествуваа над триста вљубеници во верата и во природните убавини од Гостивар, Скопје, Валандово, Гевгелија, Куманово, Битола, Охрид, Струга, Прилеп, долнореканските села и од други места на Македонија.

Присутните беа мошне задоволни што имаа ретка можност да ја следат невообичаената литургија на отворено, во прекрасна природа на преубавите предели на планината Крчин.

– Организацијата на планинарскиот марш и на литургијата беа одлични и на сите учесници ќе ни остане во долго сеќавање. Временските услови беа одлични, сонцето грееше, пиркаше планинско ветерче, кое освежуваше и беше пријатно за марширање. Кога низ планинските беспаќа се пешачи за љубов кон Господа, ниту седумте километри во еден правец низ серпентините, не ни претставуваа тешкотија, да ги минуваме лесно и без тешкотии и проблеми. За околу 3,5 часа се искачивме и бевме презадоволни. Слегувањето ни беше нешто побрзо. Минувавме низ преубави планински предели со колоритни пејзажи што воодушевуваат. Треба да се мине патеката, да се почувствуваат убавините и литургијата. Повеќето од учесниците зедоа и причест, што ми беше посебно задоволство – ни рече Горан Филиповски, по враќањето на бигорските чардаци.

Поаѓањето кон врвот Крчин почна утрово во 3 часот, од Бигорскиот скит посветен на светите Браќа Кирил и Методиј, над селото Битуше. Искачувањето траеше меѓу 4-5 часа, планинарите патеката ја минаа за помалку од четири часа. Светата литургија траеше час и половина. По слегувањето од планината, од Бигорскиот манастир на сите учесници им приредија ручек во големата манастирска трпезарија.

Монасите се погрижија да обезбедат и поддршка од Единица за спасување на планини и непристапни терени при Црвениот крст од Охрид. Но, спасувачите немаа работа.
На врвот на Крчин, на 2.341 метар, по завршувањето на литургијата, неочекувано триесетгодишниот Никола Грнчаров од Битола, клекна на коленици и ја побара за жена својата долгогодишна љубов, триесетгодишната Рената Стојанова од Скопје. Присутните им честитаа и посакаа што побрзо да присуствуваат на свадбената веселба.