Само мал дел наследен имот во Полошко им припаѓа на жените

674

Истражување на тетовска невладина организација покажува дека само 13 отсто од испитаните триста жени во полошкиот регион имаат наследено имот, додека другите се откажале поради традицијата. Истражувањето го спроведе здружението „Женски форум“ во рамките на проектот „Економско зајакнување на жените во полошкиот регион преку застапување и промовирање на имотните права“.

– Жените самоволно се откажуваат да бидат во редот на наследниците. Причините најчесто се традицијата, одрекување во име на тоа да останат во добри односите во семејството на братот, со родителите како и страв од осуда и срам од околината.
Сепак, ваквите показатели се поразителни. Се надеваме на издигнување на свеста бидејќи кога, во истражувањето, жените беа запрашани: „Како би постапиле вие, односно како би го поделиле имотот доколку имате син и ќерка како наследници?“, повеќето од нив рекле дека би го поделиле рамноправно наследството, што е охрабрувачки податок за нас – рече Слаѓана Јосифоска, асистентка на проектот.
Резултатите од истражувањето со јавна дебата беа презентирани пред разни групи на невладините организации и државни институции.

– Истражувањето почна во јули 2016 година и траеше 22 месеци. Опфатени беа 300 жени од рурални и од урбани средини.
За 60 од нив се дадени дополнителни информации како да постапат во насока на остварување на правата од наследен имот – изјави Јосифоска.
Во рамките на проектот и истражувањето биле одржани седум јавни дебати и 20 локални советувања.