Ристијан Ристески победник на етнолошката изложба „Златен костен – 2020“

85

МАКЕДОНСКИ БРОД

На тринаесеттата по ред етнолошка изложба што се одржа во Домот на културата во Македонски Брод беа прогласени најдобрите творби на манифестацијата „Златен костен – 2020“. Овој настан традиционално се одржува во овој град, во рамките на традиционалната манифестацијата „Костенијада“, посветена на костенот како најзастапена култура во овој регион. На етнолошката изложба учествуваа 75 ученици од општината, а деветтоодделенецот Ристијан Ристески со својата творба „Селска куќа“ стана апсолутен победник. Учениците беа поделени во две категории, и тоа од 1 до 5 одделение и од 6 до 9 одделение.
– Мојата изработка на годинешната етнолошка изложба „Златен костен – 2020“ беше инспирирана од селските куќи во селото на мојот татко, а костенот беше доминантната суровина што ја користев во оваа изработка. Сите материјали се природни и водат потекло од нашиот регион. Секогаш сум бил заинтересиран за изработки од дрво, но овој пат со комбинирани материјали ја создадов победничката творба – рече Ристијан.

Тој има и други таленти, односно свири и на дувачки инструменти и моментално зема часови по кларинет кај професор во Прилеп, а пред четири години беше дел од делегацијата од Македонски Брод и настапи на гајда на еден реномиран фестивал во Русија, каде што ги собра симпатиите на публиката и жирито.
Инаку, кај помладите категории ученици до петто одделение, третоодделенецот Никола Мисајлески го освои првото место, Стефан Јаковлески беше втор, а Рубинела Кофилоска го освои третото место.
Од учениците од повисоките одделенија, Фросина Цветкоска од седмо одделение го освои првото место, Марија Матеска и Христина Алампиоска го поделија второто, а третото место им припадна на Ангела Стојкоска, Милена Радеска и на Кристијан Блажески.
Победниците за освоените највисоки места добија благодарници и по една книга, додека другите учесници за добрите изработки добија книга.