Реновирано медицинското училиште „Јован Калаузи“ во Битола

79

Медицинското училиште „Јован Калаузи“ второто полугодие ќе го дочека во целосно ново руво.
Со префрлени средства во вредност од 2.608.080 денари од општина Битола во средното општинско медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ во Битола, комплетно е подобрено функционирањето.
Градоначалничката на општина Битола Наташа Петровска, заменик градоначалничката Емилија Костурски и менаџерскоиот тим на училиштето разговараа за извршените санации и моменталните изведбени актвиности во оваа образовна установа.
Во однос на подобрување на енергетската ефикасност и заштедата на електрична енергија, заменета е дограма во целото училиште со енергетски ефикасни ПВЦ прозорци. Целосното осветлување, вклучувајќи го и осветлувањето во спортската сала, е заменето со ЛЕД осветлување.
Во тек е поставување на настрешница на задниот влез од училиштето, кон спортската сала и целосно обновување на вториот кат од училиштето, каде што се врши реновирање на кабинетите, бојадисување, менување на подот, реновирање на скалите и менување на дограма.
Паралелно со инфраструктурните зафати, училиштето се опремува и со нагледни средства.
Покрај опремата за квалитетно изведување на онлајн настава, за која општината издвои средства на почетокот од оваа учебна година и со која беа набавени нови компјутери, со дополнителна опрема од камери и звучници, дополнително се набавени три телевизори со големина од 55 инчи и 4 смарт табли. Обновена е целосната опрема за практична работа (ново торзо, лабораториска опрема и комплетно обновување на лабораториите).
М.М.