Реновирана полициската станица во Кочани

79

Mинистерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска беше во посета на Кочани, каде што завршија реконструкцијата и санацијата на објектот на полициската станица.

Од МВР соопштија дека станицата е реновирана по четири децении.

-Денеска имавме работна средба со раководството на ПС Кочани и со локалната самоуправа, а имам чест да ве информирам и дека завршивме со реновирањето на полициската станица. Можам да ве информирам дека безбедносната состојба на подрачјето на ПС Кочани и СВР Штип е стабилна, а полицијата бележи добри резултати во своето работење. Значителен пораст на откривачката дејност од 44 отсто е регистриран во областа на недозволената трговија со дрога на подрачјето на СВР Штип- рече министерот.

Тој нагласи дека МВР продолжува со активностите за подобрување на условите за работа на полициските службеници, а за раководството од исклучително значење се стандардите.

-Полициската станица во Кочани веќе има сосема видоизменет, обновен и функционален објект за користење за чија што реконструкција и санација беа издвоени околу 7,5 милиони денари, средства одвоени од буџетот на Министерството за внатрешни работи-рече Спасовски.

Најави дека во текот на годинава ќе продолжат со интензивно подобрување на состојбата во која се наоѓаат и работат полициските служби.

Министерот Спасовски имаше средба и со градоначалникот на општина Кочани, Николчо Илијев, како и со членовите на општинскиот Совет и претставници на локалниот Совет за превенција, каде што се разговараше за сите прашања што се од заемен интерес со цел да се зголеми соработката меѓу граѓаните и полицијата.