РЕК „Битола“ со години работи без еколошка дозвола

229

Нелогично и несфатливо за заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули е државата да бара од приватни компании да издвојуваат тешки милиони евра за изработка и монтирање филтри за добивање еколошки дозволи додека столбот на електроенергетскиот сектор во државата, РЕК „Битола“, ја нема А-интегрираната еколошка дозвола

Кога станува збор за загадувањето на воздухот од страна на РЕК „Битола“, состојбата не е таква каква што посакуваат граѓаните на Битола и на околните општини Могила и Новаци, но и вработените во комбинатот, а особено во рудникот „Суводол“. Сепак, загадувањето на воздухот со јагленовата прашина, која најчесто и најмногу ја дишат „рековци“, е многу помало отколку пред неколку месеци. Активностите за намалување на пепелта, како и голем број други што се најавени, треба да резултираат со конечното доделување А-интегрирана еколошка дозвола за РЕК „Битола“. За тоа, впрочем, и се разговарало на последната средба на заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули со менаџментот на комбинатот и со претставниците на невладините здруженија и организации, кои во својата активност главно се фокусирани на решавањето на проблемите со загадувањето на воздухот во Битола и околината.

– Раководството на комбинатот по подолго време застој поради недостиг од механизација или лошо менаџирање со механизацијата што ја имаше на располагање, непокриената површина на одлагалиштето со пепел ја намали за шест пати. Паралелно со овие активности, во тек е и проект за изградба на насип околу одлагалиштето, т.н. касета, со кој средината околу РЕК „Битола“ дополнително ќе биде заштитена од влијанија – најави директорот на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски.
За да се намали загадувањето на воздухот од јагленовата прашина во рудникот „Суводол“, раководството на РЕК „Битола“ неодамна распиша тендер за избор на изведувач на работи за прскање со вода и адитиви на пепелта што се одлага.
– Се работи за проект за кој се предвидени околу 20 милиони денари и кој драстично треба да ги намали последиците од запрашувањето околу РЕК „Битола“, особено во ветровитите денови – објасни Ковачевски.
Инаку, на средбата се расправаше за тоа до каде се активностите за добивање А-интегрирана еколошка дозвола на РЕК „Битола“.
– Документот наскоро ќе биде пратен до раководството на комбинатот, по што тимови од двете страни треба да го финализираат текстот и РЕК „Битола“ да ја добие дозволата во пресрет на подготовката на инвестициската програма за следната година, која вообичаено се прави кон крајот на годината, поточно во октомври – информира заменик-министерот за животна средина Макрадули.

Тој притоа нагласи дека постапката за добивање А-интегрирана еколошка дозвола со години била само мртво слово на хартија, со најави, но без конкретни активности.
– Се вчудовидов кога дојдов во Министерството и кога видов дека РЕК „Битола“ или АД ЕЛЕМ воопшто не конкурирале за добивање А-интегрирана дозвола. Поради тоа, во овој момент, инспекцијата нема задача да дојди овде, во РЕК „Битола“, ова не постои, или како да лебди, од аспект на Министерството за животна средина. Со дозволата ќе се наметнат стандарди на постојано информирање за состојбата со загадувањето – рече Макрадули.
Според Макрадули, нелогично и несфатливо е државата да бара од приватни компании да издвојуваат тешки милиони евра за изработка и монтирање филтри за добивање еколошки дозволи, за да се намали загадувањето, а најголемиот комбинат во државата РЕК „Битола“, столбот на електроенергетскиот сектор, да нема А-интегрирана еколошка дозвола.
Првиот човек на комбинатот, Ковачевски, пак, најави дека оваа година ќе има темелна реконструкција и на електростатските филтри на блоковите што не се сервисирани уште од 1996 година. За таа намена за годинава се предвидени 5,5 милиони евра и наредните две години уште 15 милиони евра, со што ќе се достигнат стандардите на ЕУ. Со нивната реконструкција значително ќе се намалат емисиите на прашина во издувните гасови, што, пак, е предуслов за изградба на постројки за десулфуризација на гасовите од котлите во термоцентралата.

Во тек е и постапката за рекултивација на подрачјето околу и во РЕК. Во 2019 година ќе се врши темелна реконструкција на разладната кула на блокот 2, каде што се наоѓаат 3.500 тони азбест, по чие вадење исто така ќе се појави проблем со складирање.
– Овие и многу други проекти за кои во иднина ќе информираме треба да резултираат со добивање А-интегрирана еколошка дозвола. Во тој процес, но и во сите други активности, РЕК „Битола“ ја очекува поддршката од Владата – порача Ковачевски по средбата во Битола.