Реконструкција на патот до Витолиште, Мариово

93

Прилеп

Во полн ек е реконструкцијата на патот кон Витолиште, Мариово. Градежните зафати се во тек и патот се реновира во должина од седум километри, на потегот од селото Штавица до селото Крушевица. За оваа намена од Владата се одвоени 40 милиони денари.

– Патот е од голема важност, затоа што голем број граѓани гравитираат кон Мариовскиот крај. Многу од нив таму имаа викендички, имаат свој имот, повеќето од нив се занимаваат со сточарство и со пчеларство. Патот е од витално значење за општината Прилеп и сигурен сум дека нашите граѓани ќе имаат бенефиција од регионалниот пат – вели Илија Јованоски, градоначалникот на Прилеп.
Паралелно се реконструирани и патот од Прилеп до вештачкото езеро и регионалниот пат од Битола, преку Тополчани, до Прилеп. Направен е патот од Волково до манастирот над селото Прилепец.

За изградба и реконструкција на локални патишта и улици во Прилеп, се обезбедени 1,2 милион евра од Министерството за транспорт и врски.
Уредувањето на инфраструктурата во Прилепско е врвен приоритет на македонската влада и, во согласност со предвидената динамика, сите планирани активности успешно треба да бидат завршени до крајот на градежната сезона.