Реките се враќаат во своите корита, опасноста од нови поплави надмината

161
фото: Зоран Антоски

По интензивните врнежи од дожд претходниот викенд, реките во Кичевско-бродскиот регион за час го подигнаа нивото и како резултат на зголемениот водостој тие се излеаја на повеќе локаци во крајречниот појас.
Најголемата река во овој регион, Треска, се излеа на потегот од село Бигор Доленци до Пласница и во бродско од Девич до Манастирец. Но престанокот на врнежите придонесе реките да го намалат водостојот и водата да почне да се повлекува во речното корито.

– Престанокот на врнежите од дожд овозможи реките забрзано да се враќаат во своите корита со што престана и опасноста од нивно натамошно излевање. Нивото на Треска секојдневно бележи значително опаѓање и денес на мерното место кај Македонски Брод се измерени 115 сантиметри, што е за 5 сантиметри под нивото од можно излевање. Деновиве се очекува водата да се повлече и од поплавените површини и да се нормализира состојбата и потоа да се проценат направените штети на ораниците и овоштарниците. Како резултат на поголемиот прилив на вода од Треска и помалите рекички и потоци, се подигна и нивото на акумулацијата Козјак за околу еден метар, што е безначајно ако се има предвид нивото на езерото, кое е спуштено за околу 30 метри. За да се подобри состојбата на оваа акумулација, треба да има повеќе врнежи од дожд и топење на снег, кого засега го нема, и помало испуштање на водата од акумулацијата, по што треба да се очекува негов понатамошен пораст и враќање на состојбата од пред долготрајната суша – вели Миле Стојкоски, советник во ЦУК Македонски Брод.
З.А.