Регистрирана прва семејна винарница

533

ПРИЛЕП

Во Прилеп е регистрирана првата семејна винарница, со што повеќегодишниот труд на Гоце Станоески (46) даде плод. Се покажа дека прилепското поднебје, особено земјата во месноста Сарика, освен што создава добар тутун, раѓа и добро лозје. Сопственикот Гоце Станоески, иако работи во АРМ, од неодамна во слободното време му се посвети на производството на вино, под брендот „Сарика“, по месноста каде што му е семејното лозје, кое од памтивек го одгледувале неговите предци.
– Ова автентично подрачје преку семејната винарница би се афирмирало како место за производство на грозје. Сарика ја претставувам како месност од каде што се произведуваат квалитетни сорти винско грозје. Направив детални анализи на почвата, применив некои агротехнички методи и податоците укажаа дека оттука може да се одгледуваат квалитетни сорти на грозје, од кои ќе произлезат уште поквалитетни сорти на вино. Идејата за семејна винарница е моја, а инаку сум четврта генерација што се занимава со производство на грозје и вино. Прво прадедо ми и дедо ми, татко ми, сега јас. Одгледувам лозје на околу пет и пол декари, со поддршка на татко ми Јордан. Најмногу се застапени прокупецот, пловдината, има нови насади од вранец и мускат италија, кое е трпезно грозје, а го користам како винско. Автохтона сорта е станушината, а планирам и неа да ја расадам на површините – гордо вели Станоески, чие бело вино „сарика“ неодамна се закити со втора награда на натпревар во Неготино.

Желбата за ова му се јавила од спомените на детството, кога семејството традиционално одело на берење на грозјето на 11 Октомври.
– Располагам со капацитет за обработка на нешто повеќе од три тони и ќе се посветам на овие количества. Сакам тоа што ќе се произведе да биде квалитетно и со прифатлива цена. Треба да вложувам во технологијата на производството на виното за да можам да се носам со квалитетот на поголемите винарници – додава тој.
Претходно на традиционалната манифестација организирана во Кавадарци во ноември, на натпреварот „Младо вино 2020“, сите четири сорти што ги пратил Гоце Станоески биле наградени.
Тој очекува дека за еден месец ќе добие виза да го продава виното. Ова му е прва година и доколку се продаде виното, би можел да размислува за проширување. А за сѐ што произведува се советува и се обучува кај енолог, а следи курсеви и предавања кај професори од Земјоделскиот факултет.
Открива дека идејата за семејна винарница му произлегла по емисијата „Вински мозаик“. Засега одгледувањето на грозјето и производството на вина во семејната винарница му се хоби, а поинтензивно ќе се посвети по пензионирањето.