Откако и во изминатите три месеци вработените во ГП „Трансмет“ Скопје, ангажирани во изградбата на автопатот Кичево-Охрид, не ја добија платата за декември заедно со придонесите К-15 за 2017 година и доплата до исплата на плата за месеците септември, октомври и ноември, поднесоа повеќе групни тужби против работодавачот од главниот град, со надеж дека заостанатите обврски по судски пат целосно ќе се подмират.

– Поради неисплатената плата и придонеси од плата за декември 2017 година, неисплатениот К-15 за истата година и разликата од минималната плата до платата која претходно ја добивавме, поднесовме повеќе групни тужби до работодавачот ГП „Трансмет“, компанија што беше ангажирана на изградбата на дел од автопатот Кичево-Охрид. На овој потег бевме присилени откако се исцрпеа сите можности со штрајк да се разрешат напластените проблеми. Поднесените тужби се однесуваат на повеќе групи работници и според информацијата што ја одбивме од нашиот адвокат, првото рочиште во судот е закажано за 17 април, кога очекуваме да почне разврската околу овој неразрешен случај. Паралелно со заостанатите обврски, очекуваме и судските трошоци да паднат на терет на компанијата должник – вели Горан Аризанкоски, претседател на штрајкувачкиот одбор.

Тој додаде дека уште во декември во неколку наврати ги посетиле од менџментот на скопската компанија, но и покрај сите дадени ветувања од нивна страна за исполнување на заостанатите обврски, истите досега не се исполнети.

Неофицијално се дознава дека работите на делот од автопатската траса што досега ги изведуваше оваа компанија, ги презема друга градежна фирма, која и досега беше ангажирана во изградбата на автопатот од страната на Кичево.

Инаку со овие проблеми се засегнати над стотина работници од сите профили, претежно од Кичево и околните села.

З.А.