Пуштен во употреба новиот пешачки мост на реката Брегалница

155

Делчево

Општина Делчево доби прв пешачки мост на реката Брегалница и тој е веќе пуштен во употреба. Надлежните од локалната самоуправа, сметаат дека со ставањето на мостот во функција ќе се зголеми безбедноста на пешаците и ќе им бидат значително поблиску повеќе институции, како детската градинка, ООУ „Ванчо Прке“, Општина Делчево, градскиот пазар и сите фабрики, кои се наоѓаат во индустрискиот дел во градот. Вредноста на мостот е 8,2 милиони денари. Околу 60 отсто од вредноста е обезбедена со средства од проектот за развој на источниот плански развоен регион, преку Бирото за регионален развој, а преостанатите 40 проценти се обезбедени со кофинансирање од Општина Делчево. Изведувач на градежните зафати на пешачкиот мост беше компанијата „Жикол“.

– Ние одлучивме да градиме мостови, за да поврзуваме, да го олеснуваме пристапот, да рушиме препреки и затоа сум особено горд, бидејќи со поддршка на пријателите на Делчево, успеавме да оствариме децениска желба на делчевци – вели во своето обраќање градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, на свеченоста организирана по повод пуштањето во употреба на првиот пешачки мост на реката Брегалница.
Тој истакнува дека нема ништо невозможно кога се има цврсто поставена цел, да се изгради и да се стави во функција и да им се подари на граѓаните објект што ќе векува и ќе им служи и на генерациите граѓани, кои ќе живеат покрај реката Брегалница.

– Денес мостот е реалност благодарение на поддршката од Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, преку Центарот за развој на ИПР, а по Програмата за рамномерен регионален развој за 2018 година и со домаќинско кроење на општинскиот буџет – додава градоначалникот Трајковски.