Пролетните дождови му ја вратија душата на езерото Козјак

1378
Езерото повторно стана привлечно за излетниците од повеќе градови / Фото: Зоран Антоски

Благодарение на природата и поволната хидролошка состојба, езерото Козјак е речиси полно со вода. Веројатно, овие првомајски празници многумина што имаат викенд-куќи крај езерото ќе ги поминат во преубавата природа. Од година на година излетниците доаѓаат во сѐ поголем број, како граѓани по потекло од овој крај што живеат во главниот град така и жители од Кичево, Прилеп, Македонски Борд, па дури и од Битола и други градови.
Сушата што подолг период беше присутна во земјава, речиси целосно ги имаше испразнето речните корита, што се рефлектира и врз количеството вода во вештачките акумулации, а најмногу го почувствува тоа најголемото и најдлабоко вештачко езеро во земјава, езерото Козјак или меѓу локалното население попознато како поречко езеро.

Водостојот на ова езеро беше опаднат за 80 проценти, а водата беше повлечена повеќе од 15 километри во внатрешноста. Некогашната езерска површина остана како пустина и речиси среде езерото се создаде речно корито што го сочинуваше неговата главна притока Треска. Но благодарение на природата, која има свои законитости што често ги исполнуваат и желбите на луѓето, најпрво зимата, а потоа и пролетните дождови почнаа да го полнат езерото и да му ги враќаат душата и некогашниот изглед.

– Благодарение на поволната хидрологија во последните неколку месеци, состојбите со езерото Козјак почнаа да се движат на подобро и последните месец-два езерото почна да се враќа во нормала. Коритото на реката Треска беше сѐ пополно и така сѐ побогатата Треска забрзано го полнеше езерото, што беше од исклучителна важност за враќањето на оваа акумулација на претходното ниво – велат Драган и Даниел.Ј., жители на блиските села, а според нивните процени езерото веќе е полно со вода над 80 проценти.
– На наше големо задоволство, езерото е наполнето со вода над 80 проценти од претходните количества и ако продолжат врнежите од дожд и топењето на снегот, кој наврна во три наврати во месец април, ќе продолжи натамошното акумулирање вода и повеќе нема да стравуваме, дека на ова преубаво езеро ќе му се случи нешто непосакувано, да се избрише од географската карта – додаваат Драган и Даниел, кои постојано ги следат промените на езерото.

Во еден период преголемата суша ја доведе оваа акумулација во ситуација да се спушти на алармантно ниско ниво.
Сега откако езерото се наполни со вода, рибарите од регионот и од главниот град со радост ја примија оваа вест и се презадоволни што езерото Козјак повторно живнува и дека ќе може и понатаму да се лови риба во оваа акумулација. Во него има дури девет вида риба од која дел е со највисок квалитет и со завидна големина. Така, пред неполн месец се случи еден рибар од Македонски Брод во езерото да улови крап капиталец тежок повеќе од 11 килограми.
Жителите се оптимисти и велат дека ако продолжат врнежите од дожд можеме да очекуваме целосно враќање на езерото на претходниот водостој.