Прогласени најдобрите творби на етнолошката изложба „Златен костен 2020“

168
Фото: Зоран Антоски

На тринаесеттата по ред етнолошка изложба што се одржа во Домот на културата во Македонски Брод, беа прогласени најдобрите творби на манифестацијата „Златен костен 2020“, што традиционално се одржува во овој град, каде костенот е најзастапена култура во земјава. На етнолошката изложба зедоа учество 75 ученици од општината, а ученикот Ристијан Ристески 9-2 одделение за својата творба „Селска куќа“ го освои првото место. Учениците беа поделени во две категории, од 1-5 одделение и од 6-9 одделение.

Директорката на домот, Милена Стојческа, беше презадоволна од одзивот на учениците и од инвентивноста со која ги создадоа овие творби.

– Најпријатно сме изненадени од масовноста на учениците кои зедоа учество на етнолошката изложба „Златен костен 2020“. Бидејќи годинава поради пандемијата не се одржа традиционалната „Костенијада“, единствено оваа манифестација претставува продолжување на традицијата востановена пред 13 години. Им се заблагодаруваме на учениците за интересот што го пројавија за учество на овој конкурс и за преубавите изработки кои ги доставија за изложбата – рече директорката на центарот Стојческа.

Инаку, кај помладите категории ученици до 5-то одделение, Никола Мисајлески од 3-2 одделение го освои првото место, Стефан Јаковлески беше втор, додека Рубинела Кофилоска го освои третото место.

За учениците од повисоките одделенија, Фросина Цветкоска од 7-1 одделние го освои првото место, Марија Матеска и Христина Алампиоска го поделија второто, а третото место го поделија Ангела Стојкоска, Милена Радеска и Кристијан Блажески.

Овие ученици за освоените високи места добија благодарници и по една книга, додека поголем број ученици за добрите изработки добија исто така книга.